Пропаст или успех ? Што ќе доживее најновата владина мерка за стимулирање на вработувања и на раст кај малите и средните претпријатија? Дали и таа ќе го доживее фијаското на многу слични мерки во последниве години, како од оваа, така и од поранешната влада. Сега ќе се стимулира растот на малите и на средните фирми, за што Владата ќе им плаќа на работодавачите за да примат дури 90 невработени лица од листата на Агенцијата за вработување, АВРМ, а кои ги има 280.000. За едно лице ќе следуваат по 1.500 евра, а максимум ќе можат да се вработат 5 работника во една фирма или секоја може да добие од државната каса најмногу 420 илјади денари. Овие средства ќе бидат неповратни и ќе се даваат за опрема и материјали.
Пропаст или успех ? Што ќе доживее најновата владина мерка за стимулирање на вработувања и на раст кај малите и средните претпријатија?
Дали и таа ќе го доживее фијаското на многу слични мерки во последниве години, како од оваа, така и од поранешната влада. Сега ќе се стимулира растот на малите и на средните фирми, за што Владата ќе им плаќа на работодавачите за да примат дури 90 невработени лица од листата на Агенцијата за вработување, АВРМ, а кои ги има 280.000. За едно лице ќе следуваат по 1.500 евра, а максимум ќе можат да се вработат 5 работника во една фирма или секоја може да добие од државната каса најмногу 420 илјади денари. Овие средства ќе бидат неповратни и ќе се даваат за опрема и материјали. Понудата важи само за оваа година и огласот трае до 4 мај.
Според министерот за труд и социјала, Спиро Ристовски, тоа е во рамките на програмата „Финансиска поддршка на мали и средни претпријатија“ и е една од активните мерки за вработување за што се издвоени 8,3 милиони денари.
„Секоја ваква мерка треба да се поддржи, но не ми е јасно зошто тие се носат од фотелја, а не од директното производство. Така можат да се изнајдат многу поуспешни начини за стимулирање на вработувањата. Тие реално можат да се остварат само ако на фирмите им се намалат трошоците и давачките. Така самите работодавачи ќе си направат проценка дали и колку нови работни места ќе отворат, нема да им треба помош од државата. А, веќе видовме и дека сличните досегашни парични мерки имаа слаби ефекти кај компаниите“, вели Димитар Стојановски од Здружението на работодавачи.
Антони Пешев од „Унет“, исто така цени дека секоја мерка на Владата во насока на намалување на невработеноста треба да се прифати позитивно, но за да се реши објективно проблемот со високата невработеност, треба да се носат суштински мерки, а не да им се даваат пари на компаниите.
„Бројката од 90 нови вработувања за една година е симболична. Треба да се процени реалната состојба на пазарот и оттаму да произлезе и вистинската потреба на компаниите за вработувања. Општо гледано, компаниите не се воодушевени со вакви мерки со кои им се наметнуваат на компаниите и редица обврски истовремено“, вели Пешев.
Според Мендерес Кучи, претседател на Комората на Северозападна Македонија, мерката на Владата не е пазарна, туку повеќе е протекционистичка, со елементи на популизам.
„Сепак, подобро нешто, отколку ништо. Мислам дека средствата се мали и затоа со оваа мерка најмногу ќе се постигне легализација на дивите вработувања. Имаше и до сега слични потези на Владата, но компаниите начелно не ги прифаќаат масовно“, посочува Кучи
Инаку, оние кои ќе сакаат од Владата да добијат по 1.500 евра по лице за вработување, ќе имаат обврска да го задржат на работа најмалку 12 месеци и во истиот период да не го намалуваат вкупниот број на вработени. Во спротивно ќе мораат да примат во рок од 15 дена друго невработено лице или да ги вратат средствата. Секоја фирма - корисник ќе мора да биде регистрирана најмалку една година од денот на објавување на јавниот повик, да ги има подмирено сите даноци и придонеси, да нема намалување на вкупниот број на вработени најмалку 6 месеци пред објавување на огласот и да има позитивни финансиски резултати искажани во годишната пресметка за 2011 година.
И лани Владата имаше акција за нови вработувања за што издвои од буџетот еден милион евра за 650 лица. На компаниите им се нудеа по 15.000 денари месечно во рок од 6 месеци и обврска да го задржат лицето на работа најмалку една година. Владата не се пофали, а од АВРМ не открија колку фирми покажале интерес и дали се исполни квотата. И во 2010 година имаше мерки за ослободување на фирмите од плаќање на персонален данок во период од три години, ако вработат невработено лице на неопределено време.
Идејата да се стимулираат фирмите за повеќе да вработуваат, не е нова. Владата на СДСМ во два наврата носеше слични мерки, во 1997 и 2003 година, со законот за поттикнување на вработеноста или таканаречениот „Бранков закон“. Со него требаа да се вработат околу 20.000 лица во период од 3 години. Помошта се состоеше во 1.700 денари по лице месечно, а за една година се остварија 14.800 вработувања кај 5.480 фирми. Тоа ја чинеше државата 21 милион евра.
Овој закон, ВМРО ДПМНЕ, тогаш во улога на опозиција, остро го напаѓаше, нарекувајќи го евтин политички трик. А, токму сега актуелниот премиер, Никола Груевски, го оценуваше како непазарна мерка, која ќе ги стави во понеповолна позиција фирмите што редовно си ги плаќаат обврските кон државата, како и дека реална, зголемена вработеност може да се постигне само со добри економски услови.